Енергетика

АД ЕСМ – Подружница “Енергетика”
Основната дејност на АД ЕСМ – Подружница „Енергетика“ е производство, дистрибуција и снабдување на корисниците со електрична и топлинска енергија како регулирани дејности, и производство, дистрибуција и снабдување на корисниците со технолошка пареа и напојна вода како нерегулирани дејности.
Производствените капацитети се сместени во индустрискиот комплекс „Железарница“- Скопје и датираат од далечната 1967 година. Во 1997 година ги презема АД ЕСМ, а потоа со реструктуирањето на компанијата во 2005 година се дел од АД ЕЛЕМ.
Електроенергетскиот систем на АД ЕСМ – Подружница „Енергетика“ располага со когенеративна постројка, две трафостаници, ТС „Север“ 110/6 kV и ТС „Југ“ 110/35/6 kV кои што се напојуваат со електрична енергија од ТС „Скопје 1“ со 2 двосистемски далноводи.
Електроенергетскиот систем на АД ЕСМ- Подружница „Енергетика“ ги опслужува само корисниците во индустрискиот комплекс „Железарница“, додека топловодниот систем ги опслужува корисниците во Железарница и корисниците од скопските населби Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром.
Нашите електроенергетски капацитети работат постојано и се одржуваат деноноќно.
Во текот на 2016 година произведовме 1,2 GWh електрична енергија и дистрибуиравме вкупно 216,4 GWh електрична енергија за корисниците во индустрискиот комплекс „Железарница“ (Макстил, Митал ХРМ, Митал ЦРМ, Скопски легури и др.).
Нашите топлински капацитети работат постојано во периодот на грејната сезона и се одржуваат деноноќно. Во текот на 2016 година произведовме и дистрибуиравме 54,7 GWh топлинска енергија за крајните корисници.

Успехот на работата на Подружницата, зависи од вработените, кои свесни за одговорноста и за предизвикот, секогаш навремено и квалитетно ги извршуваат своите задачи.
Свесни за значењето на енергијата во развојот на Република Северна Македонија, АД ЕСМ – Подружница „Енергетика“ пред себе постави план со проекти, кои ќе овозможат задоволување на потребите од електрична и топлинска енергија за годините што претстојат.

Планирани проекти
АД ЕСМ, Подружница „Енергетика“ во новите инвестициски планови планира модернизација на Подружницата, што подразбира комплетна реконструкција на сите постројки во ТС 110/6 kV „СЕВЕР“ и ТС 110/35/6 kV „Југ“. Модернизацијата ќе овозможи нов современ систем составен од постројки со софистицирана опрема со висок степен на доверливост, ефикасност и сигурност, што е од особена важност за непрекинато снабдување со електрична енергија на крајните корисници.
Непрекинатоста во снабдувањето е особено важна обврска и во сегментот на топлинската енергија. Во оваа сфера инвестициските планови вклучуваат имплементација на нови технологии со цел поефикасно и поекономично производство на топлинска енергија.

 Одржување дистрибутивна мрежа_2020
 Решение од РКА за дистрибутивен систем