ТЕ Битола

Термоелектричната централа „Битола“ е лоцирана на периферијата на пелагонискиот базен, 12 km источно од градот Битола и околу 15 km северно од грчката граница. Таа е составен дел од Рударско-енергетскиот комбинат Битола и е во функција повеќе од 30 години. Комбинатот, чија основна дејност е производство на електрична енергија и јаглен, е најголем во системот на македонското електростопанство и е составен од две производствени единици: ПЕ Рудници (Суводол и Брод Гнеотино) и ПЕ Термоелектрана.

Првите киловат-часови електрична енергија во термоелектричната централа Битола се добиени во 1982 година кога во работа е пуштен првиот од трите блока на електраната. Производството го овозможуваат три блока чија моќност со реконструкција во 1994 година е зголемена за дополнителни 15 MW по блок или за вкупно 45 MW нова моќност.

Почнувајќи од 2010 година сите три агрегати беа модернизирани со што се подигна моќноста на 233 MW по агрегат. Со тоа вкупната моќност на РЕК Битола денеска изнесува 700 MW. Сиот овој потенцијал во РЕК Битола овозможува над 70% учество на комбинатот во вкупното производство на електрична енергија во електроенергетскиот систем.

Локација Новаци, Битола
Број на единици 3
Тип на гориво јаглен
Година на започнување со работа 1982/1984/1988
Парен котел
Тип
Произведувач
Капацитет
p-65
ZIO-Podoljsk, Русија
700t/h
Парна турбина
Тип
Произведувач
Снага
K-210-130-3
LMZ, Русија
233 MW
Генератор
Тип
Произведувач
Снага
TBB-200-2A
Elektrosila, Русија
247 MVA
Ладилна кула 3

РЕВИТАЛИЗАЦИЈА И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ТЕ БИТОЛА, III фаза – НАМАЛУВАЊЕ НА SOx И ПРАШИНА

Во периодот 2011 -2012 г., АД ЕСМ во соработка со надворешен консултант изработи студија за изградба на постројка за десулфуризација. Студијата обработува само една технологија за десулфуризација таканаречена влажна постапка, којашто своевремено претставувала најконвенционално решение. Но, доколку се земе предвид високата инвестициска цена на обработуваната технологија, како и фактот дека во меѓувреме на пазарот на технологии за десулфуризација дополнително се појавија две референтни технологии (сува и полусува постапка) кои сè повеќе наоѓаат примена во современата индустрија, АД ЕСМ во соработка со „Рудис”, д.о.о Трбовље од Словенија во 2016 година изработи нова Физибилити студија. Оваа студија опфати параметри што се однесуваат на исплатливоста на постапката за намалување на SOx и прашина, проширена со оценка за влијанието на сите штетни материи што призлегуваат од производствениот процес во ТЕ „Битола“.

Со имплементацијата на овој проект ќе се овозможи:

  • Намалување на емисијата и имисијата на SОx и прашина во гранични вредности според европските директиви и македонското законодавство;
  • Подобрување на амбиенталниот воздух во околината на РЕК „Битола“ и во градот Битола;
  • Намалување на бучавата на постројката;
  • Можност за производство на гипс и негово пласирање на пазарот;
  • Подобрени услови за вработените и населението кое живее околу РЕК „Битола“, и
  • Можно намалување на екстерни трошоци (намалено отсуство од работа, и др.)

Ревитализација и модернизација на ТЕ Битола, III фаза