ХЕ Шпилје

Хидроелектраната Шпилје е дел од хидроенергетскиот систем ХЕС Црн Дрим. Најголемата акумулациона хидроелектрана на сливното подрачје на реката Црн Дрим е ХЕ Шпилје во близината на Дебар. Со пуштањето во работа во 1969 година, оваа хидроелектрана е значаен извор на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем.
ХЕ Шпилје има акумулација со волумен 506.000.000 м3 вода и корисен волумен е 218.000.000 м3 вода. Хидроелектраната се наоѓа на самиот состав на реките Црн Дрим и Радика, па затоа режимот на дотекувањата во акумулацијата зависи од режимот на двете реки. Дотекувањето од страна на Црн Дрим во тек на годината е доста рамномерно поради постоењето на две возводни акумулации, Охридско Езеро и акумулацијата Глобочица. Протекувањата во Радика се мошне променливи, што се должи на природните фактори во сливот.

Историјат
1953 – 1962
Во овој период, со прекини се работени идејните проекти со инвестициската програма.

1963
Започната е изработка на главниот проект.

1964
Започнуваат подготвителните работи за почеток на градба.

1966
Свртување на река Црн Дрим.

1969
Во месец јуни започнува полнењето на акумулацијата, а во октомври започна со работа ХЕ Шпилје.

1990-2000
Во овој период продолжуваат процесите на сé подобро и поекономично искористување на целиот хидроенергетски систем. Започнува и процесот на ревитализација на објектите за да се добие зголемено производство на електрична енергија и зголемена моќност на генераторите. Во мај 1998 година е склучен Договор за заем со Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) –  Светската банка (СБ). Средствата од овој заем во износ од 61,5 милиони германски марки беа наменски доделени на ЈП ЕСМ за реализација на Проектот под наслов Проект за подобрување на електроенергетскиот систем во Република Македонија.

2001-2005
Успешно е реализирана ревитализација на шесте големи хидроелектрани во Република Македонија, еден извонредно значаен и комплексен проект. Генерално, четирите основни придобивки од ревитализацијата на постојните хидроелектрани во Република Македонија се:

  • Зголемување на инсталираната моќност во хидропроизводството со што се постигнува подобрување на примарната и секундарната регулација во системот.
  • Зголемување на хидропроизводството на електрична енергија.
  • Намалување на оперативните трошоци на работењето на хидроелектраните.
  • Намалување на можноста за испади на хидроагрегатите, електраните и воопшто намалувањето на непланираните испади во ЕЕС.

2014
Со завршувањето на еден од најсложените енергетски зафати-реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕЛЕМ, заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните „Маврово“, „Глобочица“ „Шпилје“, „Тиквеш“, „Козјак“ и „Света Петка“. Во рамките на проектот инсталирана е дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.

Доводен систем
Доводниот цевковод под притисок, со должина од 321,65 м, е поставен на десниот бок. Прагот на зафатниот објект е поставен на кота 546,00 м.н.в. Зафатниот објект е опремен со решетка и механизам за чистење на истата. Доводниот тунел со дијаметар 4,5 м се разгранува во три дела, а дијаметарот на секоја гранка изнесува 2,20 м.

Брана и акумулација
ХЕ Шпилје има камено насипна брана со висина од 101 м, при што се формира акумулација со вкупен волумен од 506.000.000 м3 вода, од кои корисниот волумен изнесува 218.000.000 м3 вода. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 м.н.в., а минималното е 560 м.н.в..

Хидроелектрана
Хидроелектраната Шпилје е со инсталирана моќност од 84 MW и годишно производство од 272 GWh. Машинската зграда се наоѓа околу 70 м од низводната ножица на браната. Во зградата се сместени 3 агрегати опремени со Францис турбини со вертикална оска, поставени на кота 485,75 м.н.в., како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда.

Просторот меѓу ножицата на браната и машинската зграда искористен е за сместување на разводната постројка 110 kV.

Основните карактеристики на ХЕ Шпилје се:
Тип на електрана прибранска-акумулациона
Локација Дебар
Слив Река Црн Дрим
Број на агрегати 3
Инсталирана моќност 84 MW
Просечно годишно производство 272 GWh
Пуштање во работа 1969
Нето висински пад 85,2 м
Инсталиран проток 108 (3×36) м3/s
 Тип на турбина Францис