Тунел Теново – Козјак, проект за оптимално искористување на водите

Идејата за изградба на тунел за префрлување на дел од водите од река Вардар во река Треска, односно од локација Теново до акумулација Козјак, е стара повеќе од 50 години. Врз основа на првата студија за оваа идеја, изработена од норвешка консултантска компанија, направена е техничка документација само за тунелот Теново-Козјак, во која се дадени енергетски показатели и некои финансиски анализи со денешни цени и изграденост на ЕЕС на Северна Македонија. Со овој зафат би се пренасочиле дел од водите од р. Вардар, пришто, наместо преку Полошката Рамнина и реката Вардар, да продолжат преку река Треска каде што енергетски би се искористиле во ХЕС „Треска“, и би се влеале во Вардар, пред Скопје.

Тунелот за пренасочување на водите од Вардар во Треска и нивно енергетско искористување, значи и завршувањето на хидросистемот Треска. Со изградбата на ХЕЦ „Козјак“ (2004 година) и на ХЕЦ „Св. Петка“ (2012 година) со своите акумулации, како и со ревитализираната и надградена ХЕЦ „Матка“, префрлените води од р. Вардар, дополнително, енергетски би се искористиле и кај овие три хидроелектрични централи, и повторно би се влеале во р. Вардар кај вливот на р. Треска, пред Скопје.

Тунелот е предвидено да се изгради од локација Теново (на потегот Гостивар-Тетово), па се до акумулацијата „Козјак“, би бил долг околу 14,5 километри, што е најкратка линија за префрлање на дел од водите од р. Вардар во р. Треска.

Енергетски придобивки

  • Дополнително производство на електричните централи што се наоѓаат на река Треска, просечно од околу 110 GWh годишно.
  • Повисока ангажирана моќност на ХЕЦ „Козјак“ заради зголемено време на работа на висока кота на акумулацијата Козјак.
  • Оперативна работа на хидроелектричните централи на река Треска во периоди на висока тарифа како вршни електрични централи при либерализиран пазар на електрична енергија, што значи повисок приход за електричната централа, односно за АД ЕСМ како оператор.
  • Можност за дополнително производство и кај новоизградените хидроелектрични централи на потегот Равен-Козјак.

Други придобивки ( заштита од поплави, потреба од водоснабдување и иригација)

  • Избегнување на преливи и поплави на реката Вардар во Полошката Котлина во периоди на висок доток, со што дел од водите би се пренасочиле во р. Треска.
  • Дополнителни води за водоснабдување на населените места во Полошката Котлина.
  • Регулиран проток на Вардар во горниот тек, како и можност за наводнување на полошкиот земјоделски регион.

  Тунел Теново-Козјак