Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули во посета на РЕК Битола

Во Министерството за животна средина и просторно планирање привршува изработката на драфт верзијата на А интегрираната еколошка дозвола за РЕК Битола, информира заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули при денешната посета на Рударско енергетскиот комбинат Битола.  Тој очекува документот наскоро да биде пратен до комбинатот, по што тимови од двете страни треба да го финализираат текстот и РЕК Битола да ја добие дозволата во очи подготовката на инвестиционата програма за следната година.

“ Јас сум особено среќен што средбата се случува на ден кога треба да биде избран изведувач на работи за прскање со вода и адитиви на пепелта што се одлага. Се работи за проект за кој се предвидени околу 20 милиони денари и кој драстично треба да ги намали последиците од запрашувањето околу РЕК Битола, особено во ветровити денови. Кога сме кај пепелта, раководството на Комбинатот со задоволство може да ја информира јавноста дека после подолго време застој заради недостиг на механизација или лошо менаџирање со механизацијата на располагање, непокриената површина на одлагалиштето со пепел е намалена за 6 пати, односно од над 30.000 метри квадратни, сега таа изнесува околу 5.000 метри квадратни. Паралелно со овие активности, во тек е и проект за изградба на насип околу одлагалиштето –  т.н. касета, со кој средината околу РЕК Битола дополнително ќе биде заштитена од влијанија”, рече директорот на РЕК Битола, м-р Васко Ковачевски.

Пред заменикот министер за животна средина и претставниците на граѓанскиот сектор, беа претставени и проектите на АД ЕЛЕМ и РЕК Битола за реконструкција на електростатските филтри на блоковите во ТЕ Битола, со што значително ќе се намалат емисиите на прашина во издувните гасови, што пак е предуслов за изградба на постројки за десулфуризација на гасовите од котлите во Термоелектраната.

“ Овие и многу други проекти за кои во иднина ќе информираме, треба да резултираат со добивање на А интрегрирана еколошка дозвола. Во тој процес, но и во сите останати активности, РЕК Битола ја очекува поддршката од Владата на Република Македонија и Министерството за животна средина”, порача Ковачевски.

Заменик министерот Макрадули, освен со дел од менаџерскиот тим на РЕК Битола, се сретна и со претставници на граѓански организации и здруженија кои третираат проблеми од областа на животната средина. Од сите нив беше побарано и понатаму будно да ги следат сите активности на надлежните институции, на АД ЕЛЕМ и на РЕК Битола во насока на намалување на загадувањето, како и партнерски однос  во проекти кои се однесуваат на доброто на заедницата.