БЕСКОНЕЧНОСТ ПРЕТОЧЕНА ВО ЖИВОТ
Заробеното богатство во земјата го преточуваме во енергија. Јагленот е доминантен електроенергетски ресурс за производство на електрична енергија. Јагленот и гасот учествуваат со повеќе од 50 отсто во производството на електрична енергија во Европската унија и ќе останат во наредните децении важни карики во енергетскиот микс. Јагленот – лигнитот е основен енергент во електроенергетскиот систем во Македонија. Јагленот се применува и во индустријата, топлификацијата, но и за широка потрошувачка, а за нас е од суштинска важност понатамошното истражување на изворите, производството и неговото користење.
Стратешки може да се констатира дека иднината на енергетиката во Македонија е во веќе утврдените и потенцијални резерви на јаглен. Вкупните резерви на јаглен заедно со потенцијалите од Пелагонискиот басен се проценуваат на 2.5 милијарди тони.
Македонските јаглени се лигнити со релативно ниска калорична вредност и висока содржина на влага и пепел од геолошка плиоцентска и миоцентскастарост. Јагленот во РМ во моментов се експлоатира во два типа на рудници. Првиот тип се рудниците кои се во состав на термоелектраните за производство на електрична енергија (Суводол, Осломеј), а вториот тип се рудниците кои ги задоволуваат потребите на индустријата и широката потрошувачка од јаглен како гориво. Базната енергија на електроенергетскиот систем на државата се темели врз јагленовиот потенцијал на Кичевскиот и Пелагонискиот басен со утврдените јагленови наоѓалишта: Суводол, Брод-Гнеотино, Живојно, Осломеј, Поповјани и Страгомиште, кои овозможија отворање на двата наши големи површински копови на јаглен - ПК Осломеј и ПК Суводол.