Награди

ТРИ НАГРАДИ ЗА ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРНИ ПРАКТИКИ ЗА 2011 ГОДИНА

АД ЕЛЕМ ја освои националната награда за општествена одговорност во категоријата „Однос со снабдувачи“, највисокото признание што го додели Координативното тело за општествено одговорни практики. Покрај првата награда добивме уште две признанија, две втори места, во категориите „Однос со вработените“ и „Вложување во заедницата“ за проекти доставени на конкурсот што го распиша Министерството за економија, преку проектот „Општествена одговорност на претпријатијата во Македонија“, кофинансиран од Европската унија.

Националната награда во категоријата „Однос со снабдувачи“ е за проектот „Влијание преку мрежата на снабдувачи во унапредување на здравствената и социјална заштита“. Како општествено одговорна компанија, со овој проект извршивме контрола на квалитетот на работењето на изведувачите  на нашата компанија и забележавме дека постои кршење на стандардите на работење и непочитување на правата на нивните работници. Користејќи го процесот на избор на своите изведувачи АД ЕЛЕМ системски постави конкретни стандарди влијаејќи на односот кон работниците. Нашата компанија пристапи кон дополнителна проверка и контрола на нивното плаќање, осигурување, користење на соодветна заштитна опрема при вршење на работите.

Како општествено одговорна компанија, со проектот „Превентивно-здравствени одмори за нашите вработени“ ја освоивме втората награда во категоријата „Однос со вработените“. Како дел од општествената одговорност, АД ЕЛЕМ води континуирана грижа за здравјето и безбедноста на своите вработени. Во текот на 2011 година, 1000 вработени на АД ЕЛЕМ беа испратени на здравствено-превентивни одмори во рекреативните центри „Молика“ и „Попова Шапка“. За време на превентивните одмори, вработените посетуваат и едукативни предавања за здравје и безбедност на работа, заштита при работа и за начините како да се справат и да го избегнат стресот.

Второ место освоивме и во категоријата „Вложување во заедницата“ за проекти кои вклучуваат интеграција на маргинализираните групи во сите области во општеството. Со поддршка на АД ЕЛЕМ се реализираа низа активности за лицата со инвалидитет. Во текот на 2011 година, АД ЕЛЕМ поддржа вкупно 25 проекти кои директно придонесуваат за интегрирање на маргинализираните групи во нашето општество.

АД ЕЛЕМ ДОБИТНИК НА НАЦИОНАЛНАТА НАГРАДА ЗА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ ВО КАТЕГОРИЈАТА „ВЛОЖУВАЊЕ ВО ЗАЕДНИЦАТА“

Наградата на АД ЕЛЕМ е дел од проектот Општествена одговорност на претпријатијата, кофинансиран од ЕУ, што ја спроведува Министерството за економија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатијата,Сојузот на стопански комори и со здружението „Конект“. Нашата компанија ја освои националната награда за општествена одговорност во категоријата „Вложување во заедницата“, најголемо признание што  го додели Координативното тело за општествено одговорни практики. Наградата што ја доби ЕЛЕМ е за оперативниот микроскоп, дониран на Универзитетската клиника за уво, нос и грло.

Компанијата, спроведувајќи ја доследно, усвоената Декларација за општествена одговорност, во рамките на своите можности, несебично помага во развојот на општествените дејности како неопходен предуслов за раст и развој на државата, но и за подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани и унапредување на животната средина. Повеќе од една деценија на Клиниката за уво,нос и грло не е инвестирано во современи апарати и техника. Квалитетот на услугите во јавното здравство не може да се постигне со амортизирана опрема, затоа  беше приоритетна донацијата на микроскопот на Клиниката за уво, нос и грло.

Новиот оптички микроскоп е составен дел на сите светски клиники и  се очекува да бидат извршени околу 2 .500 операции  во текот на годината. На микроскопот е вграден и врвен ласер кој во себе има модул за роботска хирургија. Интервенциите со овој ласер се прават со голема прецизност така што улогата на хирургот е да ги даде само координатите. Клиниката прв пат ќе има своја оперативна датотека затоа што секоја операција ќе биде снимена на неговиот хард диск и ќе може и натаму да послужи за едукација и за тренинг. Граѓаните и нивното здравје ќе бидат и во иднина интерес на АД ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија. Со донацијата на оптичкиот микроскоп, АД ЕЛЕМ, даде огромен придонес во имплементирање на нови софистицирани оперативни техники, како во Клиниката за уво, нос и грло така и во здравствениот систем на Р.Македонија.

Со донацијата на новиот, модерен оперативен микроскоп за уво, нос и грло, вреден 4 милиони денари, придонесовме за подигнување на квалитетот на здравствените услуги во оваа јавна установа и за подобрување на ефикасноста во лекувањето на граѓаните. Оваа престижна награда ќе биде  поттик за нас и во иднина да продолжиме, се разбира во рамките на можностите, да и помагаме на заедницата. Покрај првата награда во категоријата „Вложување во заедницата“, АД ЕЛЕМ доби уште две признанија, освои две втори места во уште две категории, „Заштита на животната средина“ и „Однос со потрошувачи“.