Менаџментот на АД ЕСМ одржа работен состанок со претставници на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги

Нашите производствени капацитети во моментов гарантираат сигурно и стабилно производство на електрична енергија. Компанијата успеа со сите дополнителни анализи и резултатите кои ги имаме од претходниот период да направи цена на електричната енергија од 34,5 евра по мегават час која ќе ја понудиме на универзалниот снабдувач. Тоа значи дека ќе нема зголемување на цената за крајните потрошувачи, односно за граѓаните, порача денеска генералниот директор на АД ЕСМ м-р Васко Ковачевски.

Тој заедно со дел од менаџментот на компанијата денеска беше на средба со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на која тема на разговор беа повеќе прашања поврзани со обврските на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) во однос на снабдувањето на универзалниот снабдувач со електрична енергија.

-Бевме информирани дека АД ЕСМ 100 проценти ќе ги задоволува потребите на малите потрошувачи и домаќинствата и тоа по разумна цена, а не 75 проценти како што беше предвидено со Законот за енергетика во 2018-та и во 2019 година, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на паузата од средбата во РКЕ.

Разговаравме, додаде, и за новите предизвици во наредниот период во однос на обврските што ги има ЕСМ за обезбедување на системски услуги, на системски резерви и на баланс на енергија што ќе почне да се применува од 1 јануари при што набавката и пресметките ќе бидат на пазарна основа.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски посочи дека на средбата ја информирале РКЕ за состојбите на производствените капацитети на ЕСМ и за инвестициските активности пред грејната сезона, а станало збор и за понатамошните активности на компанијата во делот на продажбата на електричната енергија, односно трејдингот.

-Нашата компанија веќе има своја фирма ќерка која работи трејдинг и сакаме да ја развиеме како снабдувач на енергија на домашниот, но и на регионалниот пазар. Од денешната средба ќе произлезат значителни заклучоци, а поддршката од РКЕ многу ќе ни значи во наредниот период, потенцира Ковачевски.

Претседателот на РКЕ рече дека е во ред ЕСМ да биде поактивен и на пазарот на мало на електрична енергија.

-Како РКЕ имаме обврска да го мониторираме пазарот на мало. Сметаме дека ЕСМ преку своите компании кои веќе ги има формирано и имаат лиценца за трговија со електрична енергија може да се јави на пазарот на мало во нашата држава и на регионалните пазари. Таков е и случајот со државните производни компании во Србија, Хрватска, Словенија, Грција,… Очекуваме дека ова ќе биде додадена вредност на ЕСМ, имајќи  во предвид дека нивните обврски во однос на снабдувањето на малите потрошувачи и домаќинствата ќе се намалуваат поради излегувањето на се повеќе потрошувачи на слободниот пазар, посочи Бислимоски.