Средба Бектеши-Ковачевски: Брзата реализација на проектите и вложувањето во нови капацитети е од стратешка важност за енергетската стабилност

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари работен состанок со генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски. Главна тема на работниот состанок беа проектите кои се во фаза на реализација, како и идните планови и инвестиции во енергетскиот сектор.

Министерот Бектеши информираше дека Министерството за економија во соработка со АД ЕСМ во наредниот период ќе работи на реализација на проектите кои се предвидени во делот на обновливите извори на енергија, пред се изградбата на фотонапонските централи во термоелектраната Осломеј и во РЕК Битола.
Тема на разговор помеѓу министерот и директорот беа и мерките за енергетска ефикасност кои што се реализираат преку Министерството за економија, како и новата мерка на Владата за субвенционирање на инвертери за греење која што е предвидено да се реализира преку АД ЕСМ.

„Преку разговори и споделување на мислења, идеи и сугестии на сите институции може да направиме АД ЕСМ да биде уште поуспешна државна компанија, со исполнување на сите еколошки стандарди согласно европската регулатива. Ние како Влада почнавме да ја промовираме новата еколошка мерка за субвенционирање на инвертори за греење, која што ќе се спроведува преку АД ЕСМ. Мерката како пилот проект ќе почне да се спроведува во четири градови во Република Северна Македонија, кои се најзагадени, Скопје, Кичево, Битола и Тетово“-изјави министерот Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека целта на состанокот со министерот Бектеши била изнаоѓање начини и преземање чекори за забрзување во спроведувањето на одредени проекти битни за државната енергетска компанија.

,,Ние како ЕСМ побаравме средба со министерот за економија Крешник Бектеши со цел да поразговараме за некои проекти кои се од значење за работењето на нашата компанија, а за кои е потребно забрзување на нивната реализација.

Побаравме помош процесите за тие проекти да се забрзаат од аспект на административни процедури, да се види што може министерството како институција да направи, а што е во нивна надлежност, за овие проекти да продолжат со зголемена динамика. Конкретно, се работи за проекти за одредени нови локалитети за експлоатација на јаглен во рамките на нашите термоелектрани“ -изјави Ковачевски.

На средбата се разговараше и за напорите за реализација на проектот Чебрен, како и за писмото кое по заклучок на Владата го испрати АД ЕСМ до Р. Бугарија со кое се искажува интерес за учество во проектот Белене, со цел државата преку ЕСМ да обезбеди широко портфолио на различни производствени капацитети кое ќе обезбеди енергетска стабилност во иднина.