Во РЕК Битола одбележан Денот на рударите

Во РЕК Битола денеска се одржа свеченост по повод Денот на рударите.

На свеченоста беа доделени пофалници и пригодни награди за 45 рудари кои покажале најдобри резултати во работењето, како и на рудари кои оваа година исполнија услови за пензија и имаат најдолг стаж во РЕК Битола.

Присутните вработени и гости ги поздрави поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, кој порача дека празникот Голема Богородица, кој во народот се смета како заштитник на рударите, е повод за сплотеност, меѓусебна поддршка и стремеж кој поголеми напори за подобри лични и колективни резултати.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во името на Влада го честита празникот на вработените и истакна дека неговата заложба како министер за информатичко општество е новите технологии се повеќе да се користат во работниот процес, а во тоа особено треба да предводат државните институции и производни капацитети, со цел да го подобрат производството, но и условите за работа на работниците.

Генералниот директор и претседател на УО на на АД Електрани на Северна Македонија-ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, во своето обраќање истакна дека во рамките на ЕСМ работата на рударите е таа која е најтешка во производниот процес.

,,Јагленот е основата на производството на електрична енергија во нашите рударско-енергетски комбинати и работата на рударите е несомнено најтешка.

Нивниот придонес во резултатите на АД ЕСМ е од исклучително значење и поради тоа упатувам благодарност до нив од името на целиот управен одбор и од мое лично име.

И јас лично и раководството на компанијата и на комбинатите вложуваме секојдневни напори да обезбедиме услови и можности за што поефективно, побрзо, побезбедно и посовремено ископување јаглен во нашите рудници, и во РЕК Битола и во РЕК Осломеј,,-рече генералниот директор Ковачевски.

Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, нагласи дека резултатите во првите 8 месеци од оваа година доволно зборуваат за огромниот ангажман на сите вработени во комбинатот.

,,До 25.08.2019- та Блок 1 испорача 699 026 MWh електрична енергија  или 110% од планираното производство, Блок 2  –  858 743 MWh или 122% и Блок 3 –  672 355 MWh, односно 116% повеќе од планираното производство.

Вкупното производство на испорачана електрична енергија  за годинава до овој момент е 16% над планираното,,-рече директорот Ќурчиевски.

 

Директорот на Производна единица Рудници во РЕК Битола, Драган Видановски рече дека секој рудар мора да биде физички и психички подготвен за да може да ги извршува работните задачи и силните предизвици со кои се соочуваат рударите.

,,Благодарение на нашите рудари успеваме да бидеме главните носители на производството на електрична енергија во нашата земја. Нашите рудници се опремени со високотехнолошки машини, но тие машини би биле само обично железо ако немаме стручни и добро обучени работници кои ги опслужуваат нив. Јас лично верувам во рударите и во овој комбинат, верувам дека ќе бидеме на нивото на нашите задачи и дека ќе ги исполниме,,-порача директорот Видановски.

Присутните вработени и гости упатија посебен поздрав до двајцата наградени работници, вработени во ПЕ Рудници, Симјан Талевски со вкупен стаж од 50 години и Ѓорѓи Сотировски со 42 години стаж, кои оваа година исполнија услови за пензија.