Работна посета на генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на РЕК Осломеј

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, заедно со членови на Управниот одбор на компанијата, престојуваше во работна посета на РЕК Осломеј, Кичево.

Темата на одржаните состаноци со раководството на термоелектраната беше подготвеноста на капацитетот да се вклучи во производството на електрична енергија во претстојната грејна сезона, кога потребата од електрична енергија се зголемува.

Генералниот директор Ковачевски нагласи дека планот на АД Електрани на Северна Македонија-ЕСМ е РЕК Осломеј во иднина да работи со поголем интензитет од претходно.

,,Ќе се работи скромно, со постоечките ресурси и без непотребни трошоци, но ќе се спроведат сите набавки кои ви се неоходни за работниот и производниот процес, за да нема никаков застој во истиот,, – им порача генералниот директор Ковачевски на директорите и раководителите во комбинатот.

При средбата, исто така, беа утврдени чекори за забрзување на сите постапки кои се неопходни за нови ископи на јаглен во рамките на рудникот на РЕК Осломеј, за кои активности, како и за други прашања, Ковачевски упати на поголема соработка меѓу РЕК Осломеј и РЕК Битола, и на заемно искористување на заедничките капацитети на знаење и техничка логистика во рамките на АД ЕСМ.

Генералниот директор се сретна и со претседателот на синдикатот на РЕК Осломеј, кој на раководството на компанијата му презентираше дел од активности, кои се реализираат преку членарина, но исто така и преку средствата кои АД ЕСМ, согласно законот, годишно и ги префрла на синдикалната организација, за синдикални активности за вработените во компанијата, но и за општествено-одговорни проекти и помагање на локалната заедница.