Ќурчиевски ја презеде функцијата директор на РЕК Битола од Ковачевски

“ Длабоко сум уверен дека пред АД ЕСМ и РЕК Битола претстои најплодната соработка досега. Ќе направиме се што е неопходно за работите и во комбинатот и на ниво на цела компанија да се придвижат уште повеќе”, порача Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски кој денес симболично ја предаде функцијата директорoт на РЕК Битола на Златко Ќурчиевски.

“ Златко Ќурчиевски е дваесет години во комбинатот, на повеќе различни одговорни функции, а до неодамна беше директор за производство и неофицијално мој заменик додека бев директор. Јас доаѓам од РЕК Битола и знам кои се неговите потреби, Ќурчиевски исто така. Во Управниот одбор на АД ЕСМ комбинатот ќе има ефективна поддршка и секогаш ќе излезе во пресрет на сите барања на нашиот најголем производен капацитет на електрична енергија, како и на локалната заедница која гравитира тука и со која имаме соработка, пред се општините Битола, Новаци и Могила”, рече Ковачевски.

За година и пол колку што Васко Ковачевски беше директор на РЕК Битола, а јас директор за производство, успеавме да го вратиме комбинатот на нозе. Заедно со тимот соработници кој беше формиран, како и со придонес на сите вработени, го зголемивме производството, ги намаливме трошоците и започнавме со реализација на проекти од поширок интерес на граѓаните, рече директорот на РЕК Битола, Ќурчиевски.

“ За мене, како директор на РЕК Битола, приоритет секако останува производството. Заедно со новиот директор за производство, Стефче Божиновски, ќе ги преземеме сите неопходни чекори, секоја следна година производството на електрична енергија од РЕК Битола да се зголемува. За доволни количини на јаглен задолжен ќе биде новиот директор на ПЕ Рудници, Драган Видановски. Со зголемувањето на производството и намалувањето на трошоците за производство, ќе генерираме поголеми заштеди кои ќе ги инвестираме не само за потребите на производствениот процес, туку и во проекти од пошироко значење за заедницата. Еден од нив секако е реконструкцијата на електростатските филтри, за што можам да ве информирам дека месецов ќе се одржат преговори со три компании кои треба да понудат прифатливи решенија”, рече Ќурчиевски.

Тој додаде дека по само десетина дена откако Ковачевски е на чело на ЕСМ, оперативниот план на РЕК Битола за усогласување со А интегрираната дозвола за заштита на животната средина доби потврда од Управниот одбор на компанијата по што најверојатно во текот на септември ќе се одржи јавната расправа по која РЕК Битола и официјално ќе го добие документот по кој треба да постапува во наредниот период.