Започнаа ремонтните активности во РЕК Битола

РЕК Битола започна со ремонтните активности предвидени за годинава. До средината на ноември ќе бидат направени редовни ремонти на Блок 1 и Блок 3 и капитален ремонт на Блок 2. Блок 1 ќе биде во ремонт до 3 јуни, по што следува ремонт на Блок 3 од 4 јуни до 7 јули.

-Осум години по модернизацијата, годинава капитален ремонт ќе биде изведен на Блок 2. Ремонтните активности на овој блок ќе траат од 15 август до 15 ноември.За ремонтите на блоковите предвидени се повеќе од 10 милиони евра. Зафатите ќе ги изведуваат фирми искусни во својата работа, кои заедно со подизведувачите доаѓаат претежно од Битола и регионот, со што комбинатот индиректно ја поддржува локалната економија. Успешната реализација на ремонтите треба да обезбеди стабилно производство на електрична енергија, особено во текот на зимата. Таков беше случајот претходната грејна сезона во која РЕК Битола работеше непрекинато, со максимален капацитет на сите три блока 81 ден, состојба која во комбинатот не беше забележана последите 6 години- изјави Васко Ковачевски, директор на Подружница РЕК Битола.

Со ремонтот на блоковите, АД ЕСМ и РЕК Битола имаат за цел не само да ја зајакнат стабилноста на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија, туку и да го зголемат производството на електрична енергија, да ги намалат трошоците на производство, а заштедите и приходите од работењето да ги инвестираат во капитални проекти, пред се за заштита на животната средина.

Така, за време на капиталниот ремонт на Блок 2, ќе започне и санацијата на разладната кула на овој блок за што се предвидени над 6 милиони евра. На неа ќе се отстранува азбестниот плашт за што тендерската постапка за избор на изведувач е во тек. Со оваа активност РЕК Битола уште еднаш потврдува дека сериозно има намера да инвестира во проекти кои значат подобрување на еколошките перформанси. Најголема потврда за тоа е тендерот за реконструкција на електростатските филтри во висина од 20,4 милиони евра.