АД ЕЛЕМ лани оствари добивка од 29.827.097 евра

АД ЕЛЕМ ја заврши минатата година со добивка од 29.827.097 евра, што претставува најуспешна финансиска година од постоењето на компанијата. Ваквиот резултат се должи, пред сè, на  ефикасното работење и на одлично изведените и синхронизирани продажби на вишоци на електрична енергија со просечна цена за околу 50 проценти повисока од регулираната цена на електрична енергија.

Во 2018 година АД ЕЛЕМ оствари приход од 21.051.753 евра од продажба на вишоци електрична енергија. Притоа, продадени се вкупно 353.320 MWh енергија, по просечна ценаод 59,58 евра за MWh.

Иако заради изведените ремонти на сите капацитети се зголемени трошоците за резервни делови и материјали и услугите за одржување,  сепак остварени се значителни заштеди по други позиции, како што се трошоците за мазут, трошоците за суровини и материјали и останати расходи од работењето. Истовремено, намалени се трошоците за ископ на јаглен и јаловина, како и за ангажирање надворешна механизација, од 38 милиони евра во 2015 на шест милиони евра во 2018 година.

Големи заштеди се бележат и во потрошувачката на мазут во РЕК Битола во однос на претходните години, како во вкупните количини, така и во специфичната потрошувачка на мазут по произведен kWh електрична енергија. Намалувањето на трошоците за мазут се движи од 17.800. 000 евра во 2015 година, на четири милиони евра во 2018 година.

Намалените трошоци и постабилното работење на компанијата во изминатите година и половина, резултирало со намалени трошоци за производство на електрична енергија и намалена регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика во 2018 година. По долги години раст, регулираната цена на електрична енергија минатата година се намалила од 41 евро за MWh на 39,67 евра за MWh.

Би сакале да нагласиме дека по континуираниот пад на производството во последната декада, се бележи благ пораст на производството во минатата година, којшто за годинава е планирано да биде поголем и вкупното производство да изнесува 4.400 GWh, односно 10 проценти повеќе од 2017 година.

Со пресекот на деловната 2018 година и остварената добивка на АД ЕЛЕМ од 29.827.097 евра, сакаме да потенцираме дека домаќинското и одговорно работење на компанијата ќе продолжи и понатаму, додека остварената добивка ќе се користи за инвестирање во развојни проекти, диверзификација на производството, заштита на околината, како и за помагање на заедницата и покажување општествена одговорност од страна на АД ЕЛЕМ.