Заврши реконструкцијата на регулацискиот мост во Струга

Завршија активностите за реновирање на мостот во Струга преку кој се врши регулација на истекот на водите од Охридско Езеро во реката Црн Дрим. Во целост завршија  градежните работи што опфаќаа негова реконструкција, санација и одржување во насока на безбедност на овој објект кој  со децении се користи и како пешачки премин. Активностите за обновување и зајакнување на мостот почнаа во декември минатата година, но во јануари паузираа поради временските непогоди и екстремно ниските температури. Реконструкцијата е извршена со материјали и со изведба кои ќе го задржат неговиот автентичен изглед, а ќе обезбедат безбедност за граѓаните на Струга и на туристите кои го користат овој премин. Станува збор за прва реконструкција на мостот после 2010 година.

Во тој контекст, АД ЕЛЕМ ја информира јавноста дека  проект за механички испуст  на сегашниот регулациски мост е изработен уште во осумдесеттите години на минатиот век. Во врска со таа можност, компанијата во моментов е во подготовка за добивање согласности за темелна реконструкција на мостот и на испустот во тој правец. Можната реализација на ваков проект во многу ќе зависи од добиените мислења и услови од други институции: УНЕСКО, Министерството за животна средина, општина Струга и други надлежни институции, со оглед на тоа што Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО и сите иницијативи и зафати во езерото се подложни на соодветен мониторинг.

Од страна на АД ЕЛЕМ, заложбата е да се изготви основен проект согласно сите денешни стандарди за тоа што подразбира дигитална контрола на испуст и дигитална контрола на нивото на Црн Дрим и на Охридското Езеро, како и тоа објектот да се вклопи естетски и функционално во околината и да не го наруши сегашниот тек на реката и состојбата на езерото. Станува збор за зафат од поголем обем кој подразбира градежни работи во подолг временски период за кои е потребна долготрајна и темелна подготовка.