Потпишан новиот Колективен договор на АД ЕЛЕМ

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Драган Миновски и претседателот на Синдикалната организација на компанијата Јове Смилевски денеска го потпишаа новиот Колективен договор со кој се уредуваат правата и обврските на вработените во акционерското друштво во државна сопственост. Во новиот  Колективен договор направенo е усогласување во одредени членови, согласно измените и дополнувањата на Законот за работни односи, од  јуни годинава.

Во новиот договор, висината на регресот за годишен одмор изнесува 60 отсто од просечната плата на ниво на држава, но додадена е можноста, компанијата на вработените да им исплати регрес за годишен одмор во висина од една цела просечна месечна нето плата во Република Македонија, со одлука која за тоа дополнително би се донела и што ќе зависи од работењето и постигнатите резултати на компанијата.

-Очекуваме новиот колективен договор да даде дополнителен инпут за мотивирање на вработените и постигнување на уште подобри резултати во претстојниот период- рече д-р Драган Миновски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.

Претседателот на Синдикалната организација Јове Смилевски, смета дека измените во колективниот договор се од взаемен интерес на работниците и работодавците и ќе придонесе за зголемување на продуктивноста во компанијата.