Д-р Драган Миновски им се обрати на новите студенти на ФЕИТ на првиот академски час

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Димитар Ташковски и генералниот директор на АД Електрани на Македонија(АД ЕЛЕМ), професор д-р Драган Миновски, денеска, им посакаа срдечно добредојде во големото семејство инженери на новите студенти – бруцоши во учебната 2018/2019 година.

За деканот на ФЕИТ, професор Ташковски, овој ден претставува почеток на ново поглавје во животот на студентите во кое ќе стекнат знаење и вештини кои подоцна ќе ги применуваат на своите работни места.

„Со денешниот влез во академскиот свет, Вие го направивте вистинскиот избор, одбирајќи го ФЕИТ, Факултетот со препознатливи студиски програми споредливи со најпрестижните факултети во европскиот образовен простор…. Одговорноста која ни ја додели државата пред 59 години е и наша мисија: од Вас студентите пред сé, да создадеме личности, професионалци и интелектуалци кои без проблем ќе можат да се вклучат во општествениот живот. Во последните неколку години, образованието и истражувањето во областа на електротехниката и информациските технологии има значајна улога во развојот на општеството. Примената на информациските технологии расте многу брзо во речиси сите области – медицина, транспорт, земјоделство, животна средина… Нема сомневање дека нашата мисија се прошири и сега треба да едуцираме студенти кои ќе се посветат на развојот на новото ИТ општество. Затоа и акцентот го ставаме на истражувачкото образование“, порача Ташковски.

Од ФЕИТ произлегоа многу успешни генерации инженери. На првиот час пред новите студенти се обрати генералниот директор на АД ЕЛЕМ – Електрани на Македонија, професор   д-р Драган Миновски.

„Сакам да ви кажам дека сум еден од оние кои како млади завршени високообразовани луѓе, отидоа да се дошколуваат надвор и кои имаа можност да останат надвор, но се вратија. Се вратив и јас и денес, со моето семејство живееме и работиме тука… Зошто Ви го кажувам ова? Мојата порака до Вас, како академски граѓани кои зачекорувате во образовниот процес од кој ќе произлезете како професионалци, е да размислувате да се вградите во модернизацијата на нашата држава, во изградбата на едно модерно општество, кои ќе биде дел од европското. Да, отидете и на запад, видете искуства, научете, споредете … но, запамтете дека сите заедно можеме нашата татковина да ја однесеме на запад, односно тој развиен запад за кој толку многу зборуваме и го посакуваме, да го донесеме тука, дома. А за тоа треба ние самите да бидеме дома и тоа да го постигнеме“, порача Миновски.

На првиот академски час беа доделени 10 стипендии од УКИМ на најдобро рангираните средношколци, 5 стипендии од Институтот за електроника при Факултетот, 3 стипендии од МАКО СИГРЕ и 9 стипендии од ФЕИТ за студентите кои освоиле прво место на државни или меѓународни натпревари. Оваа година, на ФЕИТ се запишаа околу 300 нови студенти.