Интегрален текст од прес конференцијата на д-р Драган Миновски

Почитувани,

Со оглед на тоа што веќе извесно време АД ЕЛЕМ е предмет на тенденциозни и невистинити прозивки од страна на ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер, одлучивме денеска да дадеме објаснувања на јавноста за повеќе прашања и да ја разјасниме целата ситуација која опозициската партија се обидува да ја прикаже.

Сметаме дека овие неосновани напади се од причина што во наредниот период ќе почнат, а дел се и веќе отпочнати, многу значајни и важни проекти, како за АД ЕЛЕМ, така и за целокупниот енергетски сектор, од чии што развој зависи и развојот на економијата во Р.Македонија и од тоа ВМРО ДПМНЕ се плаши.

Прво, за договорот со Пелистер за ископ на јаглен за кого зборуваат неколку дена. Еве како дојде до договорот со Пелистер. По откажувањето на Трансмет среде зима, и загрозувањето на нормалното работење на компанијата и на стабилноста на електроенергетскиот систем, АД ЕЛЕМ веднаш го покани второрангираниот на тендерот-Пелистер, да продолжи да копа по цената која ја имаше понудено на тендерот. Пелистер со писмен допис го информира ЕЛЕМ дека не е во можност по истата цена да ја преземе работата од која се откажа Трансмет, во услови во кои беше оставен рудникот во тој момент.

Со цел да се одржи стабилноста на системот и да се задоволат потребите за електрична енергија, АД ЕЛЕМ веднаш распиша нов оглас во кој еден дел, согласно законот за јавни набавки, беше оставен за итна постапка. На итната постапка како најдобро рангиран беше избран Пелистер со цена од 87,8 денари за гигаџул, или најмногу до вредност од 1,9 милиони евра, за период до изборот на најповолен понудувач во редовната постапка, која е во тек и која трае согласно законот минимум три месеци.

Во овој дел да кажеме и какви договори во 4 очи со непосредни спогодби склучил лидерот на ВМРО ДПМНЕ, веднаш кога дошол на позицијата директор на АД ЕЛЕМ. Склучил два договори со непосредна спогодба – со Пелистер и со Марковски, двата во вредност од 10,5 милиони евра. Со Пелистер, веднаш по неговото назначување на функцијата, на 3 ноември 2016г, за сума од 5,7 милиони евра, а три месеци подоцна и со Марковски – за 4,8 милиони евра.

Споредбено по гигаџул, Пелистер во моментов копа по 87,8 денари за гигаџул, додека во време на Мицковски Пелистер копал по  96 денари по гигаџул. А Марковски – по  90денари по гигаџул.

Ова е одговорот на нивните прозивки за цената по која сега се врши ископот во РЕК Битола. Еве какви договори во непосредна спогодба склучил лидерот на ВМРО ДПМНЕ, партијата која сега го прозива ЕЛЕМ.Двата договори, а и ред други договори, се предмет на внатрешна и надворешна  ревизија во компанијата. Резултатите допрва ќе ги види македонската јавност.

Во однос на прозивката за условите во тендерот по редовна постапка кој е во тек, за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, сакаме да кажеме дека  по откажувањето на Трансмет од ископот, во февруари годинава, со што го загрози сериозно производството на електрична енергија и го загрози електроенергетскиот систем на државата, се покажа како неопходно во иднина да се заострат условите во тендерите, со цел да се оневозможи повторно работата во РЕК Битола да ја добие фирма која само фиктивно е способна и има технички ,кадровски и организационен капацитет да врши ископ, а во суштина на терен да не може да го оствари тоа.

Од тие причини во тендерот за редовната постапка беше поставен услов фирмите кои сакаат да конкурираат, во последните три години да имаат ископано најмалку 900 илјади тони јаглен.  На ова, еден економски оператор се жалеше до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Комисијата ја одби жалбата како неоснована. Но и покрај тоа, АД ЕЛЕМ ја прошири можноста – да може да се пријават и фирми кои имаат ископано покрај јаглен, или 1 милион м3 јаловина( земја или карпест материјал) или руда. Значи, иако комисијата не ни наложи да ставаме дополнителни услови, иако беше проценето дека тендерот овозможува конкурентност, АД ЕЛЕМ самоиницијативно одлучи да додаде уште еден услов со цел да обезбеди уште поголема конкурентност, но конкурентност само на сериозни фирми. Значи, условите се и натаму доволно ригорозни за да спречат да се пријави или уште повеќе да победи некоја фирма од калибарот на Трансмет , кои само можат да направат штета на комбинатот и на целиот производствен процес.

Оваа можност ја користам да му одговорам уште на неколку прозивки кои директно ги упати кон ЕЛЕМ и кон менаџментот  нивниот партиски лидер и поранешен директор во ЕЛЕМ во еден период, г-нот Мицкоски.Тврди дека ние сме имале намалено производство во првиот квартал на оваа година. Точно, производството е намалено во првите месеци на 2018г, но од причина што потребите на тарифните потрошувачи во тој период беа намалени.  Произведувавме толку колку што имаше потреба за тарифните потрошувачи, а електричната енергија која ја заштедивме со домаќинско, одговорно и професионално работење, во наредната недела ќе ја понудиме на продажба на слободниот пазар со што ќе оствариме профит за компанијата и за државата. Ова ќе биде прва продажба на електрична енергија од АД ЕЛЕМ по 2016г. Значи, две години ЕЛЕМ не продавал електрична енергија.

Понатаму, се споменуваат акумулациите оваа зима. Не прозиваат дека биле преполни и дека некаде и прелевале. Кога ја презедовме функцијата во август 2017г претходното раководство ги имаше оставено акумулациите на историски најниско можно ниво, преисцрпени од непланското искористување. Оваа зима и почеток на пролет поради силните врнежи и топењето на снегот дојде до брзо и обилно полнење на акумулациите, и на природните и на вештачките езера во Р. Македонија. Ние со максимални напори го одржувавме балансот и на Охридското езеро и по течението на Дрим и во нашите акумулации, се со цел да не се нанесе штета на околните населени места, и во тоа, во такви екстремни услови какви што и самите знаете дека беа – сепак успеавме. Хидроелектраните максимално работеа и тој вишок електрична енергија сега ќе биде продаден. Да, имаше прелив, но тој беше планиран внимателно, водени од намерата не по секоја цена да произведеме и да оствариме профит, туку да ги заштитиме околните населени места во одредени моменти, во координација со Центарот за управување со кризи.

Исто така г-нот Мицкоски се пофали и дека оставил 14 развојни проекти. Ако за развојни проекти ги смета Рајскиот парк, пешачко – велосипедска патека на езерото Козјак, ски центарот на Водно, катната гаража и конгресниот центар во Охрид, ски патеките и вештачките снегови – тогаш да, се согласувам дека такви развојни проекти остави.

За разлика од неговите развојни проекти кои Владата ги запре, ние како нов менаџмент почнавме постапка за изградба на нови ветерни електрани, нови фотоволтаични електрани, електростатски филтри во РЕК Битола и страндардизирано отпепелување, модернизација на ТЕЦ Осломеј, и други проекти за кои допрва ќе ја известиме јавноста. Сами направете компарација што е развоен проект, а што не е развоен проект и е залудно трошење државни пари.

Вредно е да се напомене што друго остави Мицкоски. Остави расипан еден генератор во хидроелектраната Козјак, еден генератор во хидроелектраната Врбен, ненаправени ремонти во РЕК Битола , поплавени рудници во РЕК Битола, депонија со само 100 илјади тони јаглен пред почетокот на зимата, ТЕЦ Осломеј надвор од функција и уште ред други ненаправени зафати кои се неопходни за нормално функционирање на компанијата.Остави 12 проценти помалку расположливи производни капацитети.

За разлика од него, го поправивме генераторот во Козјак, за екстремно кусо време, додека пак Мицкоски го држеше во дефект една година. Потоа, го сервисиравме и генераторот во Врбен, ја ставивме во функција и термоелектраната Осломеј, која произведуваше електрична енергија на крајот на 2017 и почетокот на 2018г, значи цела оваа грејна сезона, депонијата во РЕК Битола по завршувањето на грејната сезона има 200 илјади тони јаглен, и  сите производни капацитети ги имаме со 100% расположливост.

Сега да направиме споредба што остави Мицкоски и во делот на финансиите. Се пофали дека оставил 25 милиони евра на сметката на АД ЕЛЕМ без никакви долгови кон доверители и вработените. Тоа што е точно е дека остави 17,8 милиони евра депозити во банките и 7,3 милиони евра расположливи средства. Притоа, не кажа дека на вработените не им подели К 15 за 2017г  и не им го исплати 5-процентниот додаток на плата за работниците кои одат во смени, за 2016 и за 2017.

За разлика од него, ни го исплативме К-15 за 2017 кој Мицкоски не го исплати, и исплатен е и 5-процентниот додаток кој Мицкоски исто така не го исплати за целиот период наназад, исплатени се сите ремонтни активности и поправки, и во овој момент на сметката на АД ЕЛЕМ има 25 милиони евра депозити, и уште 20 милиони евра расположливи средства, или вкупно 45 милиони евра, значи два пати повеќе од тоа што остави Мицкоски. Еве да го прашаме г-от Мицкоски: зошто остави еден куп проблеми и нерешени ситуации и двапати помалку финансиски средства од тоа што имаме ние во моментов на сметка?

Нека проценат граѓаните кој работел домаќински, а кој не работел домаќински.