Реакција на АД ЕЛЕМ

Понудивме на второрангираната фирма да потпише договор, но таа одби да го потпише

АД ЕЛЕМ ја информира јавноста дека не е точно тврдењето на пратеникот Драган Данев од ВМРО ДПМНЕ, изнесено денеска во собранието, дека по откажувањето на прворангираната фирма на тендерот АД ЕЛЕМ не и понудил на второрангираната фирма да потпише договор.

АД ЕЛЕМ и понуди на второрангираната фирма да потпише договор, но таа одби.

Имено, станува збор за тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола, од кој во февруари, по три месеци работа, се откажа ТРАНСМЕТ, по што ЕЛЕМ, согласно Законот за јавни набавки, писмено и понуди на второрангираната фирма Пелистер-Битола да потпише договор и да ја продолжи работата.

Пелистер писмено одговори дека не се согласува да ја преземе работата за цената која ја понудила на тендерот. Од тие причини, согласно Законот за јавни набавки, пристапено е кон распишување тендер по итна постапка за привремен ископ на јаглен во РЕК Битола, со кој е премостен периодот од три месеци до избор на фирма во редовна постапка, а во исто време е распишан тендер во редовна постапка за ископ на јаглен, на кој по сите пропишани процедури и со електронско поддавање ќе се избере најповолна понуда на фирма која ќе го врши ископот во следниот период.

Напоменуваме дека целта на раководството на АД ЕЛЕМ е ископот на јаглен да биде вршен од надворешни фирми само до обезбедувањето на потребната сопствена механизација во РЕК Битола, за што тендерот е во тек, а уште еден ќе биде распишан наскоро. Потоа ископот ќе го врши РЕК Битола, со што ќе се заштедат милионски суми кои сите изминати години се одлевале во надворешни фирми.