Соопштение за медиуми

Во врска со вчерашната прес конференција на ВМРО ДПМНЕ, сакаме да нагласиме дека во текот на минатиот викенд, поради невремето, ветерот од 90км на час и високите бранови, водата прели на крајбрежјето на Охрид и околината. Водата стигна на крајбрежјето поради брановите, а не поради разликата во сантиметри во нивото на езерото.

Два дена претходно, генералниот директор во изјава за медиумите, од Охрид предупреди на очекуваната појава на високи бранови и ветер и на можни последиците од тоа. Раководството на АД ЕЛЕМ во тој период беше Охрид, во увид на терен на состојбата со нивото на езерото и на другите акумулации. Притоа, беше соопштено и дека се формирани работни групи меѓу ЕЛЕМ и општината за преземања заеднички мерки за максимално управување со состојбата.

АД ЕЛЕМ не сака да влегува во политички полемики и квалификации, но цениме дека е потребно да се наведе дека личноста која ја одржа прес-конференцијата, додека беше советник на вицепремиерот за економски прашања во претходната влада, од таа значајна позиција, но и од други високи државни функции во економскиот и енергетскиот сектор кои ги извршуваше во изминатите години, не презеде ништо за лично тој и тогашното раководство на АД ЕЛЕМ да ја превенираат лошата модернизација на котлите во РЕК Битола, скапиот ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола и ангажирањето на скапа надворешна механизација од фирми блиски до владејачката структура, да го поправи генераторот во хидроелектраната ,,Козјак” кој беше оставен во дефект една година, за кое време Скопје поради тоа беше во континуирана опасност од поплава, а притоа компанијата претрпе огромни финансиски штети од неработењето на генераторот и непроизведувањето електрична енергија. Исто така, би сакале да наведеме и дека додека наведеното лице беше на високи државни функции во економскиот и енергетскиот сектор, се случи во 2017г акумулациите и хидроелектраните да бидат доведени до најниско ниво на водостој во последните 15 години.

Во продолжение на оваа реакција од АД ЕЛЕМ, Ви пренесуваме и транскрипт од дел од изјавата на Тони Маркоски, раководител на производство во подружницата на АД ЕЛЕМ, ХЕС Црн Дрим, дадена на денешната прес конференција.

Изјава на Тони Маркоски, раководител на производство во подружница ХЕС Црн Дрим
,,Во врска со тврдењето дека просторот во акумулацијата во Дебарското езеро е повеќе од доволен да го прифати целиот вишок на вода од Охридското езеро, сакаме да кажеме дека презентираниот податок е нерелевантен. Веќе еден и пол месец се испушта максимално количество на вода од Глобочичко езеро, преку турбините во ХЕ Глобочица.

Дебарското Езеро во февруари и почетокот на март, и покрај максималниот доток во ХЕ Глобочица, беше на оптимална (просечна) вредност, што е одлична подготовка за да ги прими очекуваните приливи на вода. Истото се одржува со 24 часовна работа на турбините во ХЕ Шпилје. Котата на Дебарско езеро денес-21.03.2018год. изнесува 573,81мнв и е повисока 5м во однос на просекот за овој датум. Во наредниот период оваа акумулација ќе се наполни до максимум со дотокот на реката Радика и водата што доаѓа од Охридското езеро преку турбините на ХЕ Глобочица.

Минатите месеци се карактеризираа со големи дотоци при што состојбата се менаџира максимално одговорно за да не се надмине максималната кота на Охридското Езеро од 694мнв која е одобрена со водостопанската дозвола. Да наведеме дека оваа вредност е надмината при појава на слични дотеци во 2010 и 2013год.

Се прави максимум за да не се направи штета ниту на граѓаните на Охрид, ниту на граѓаните на Струга, ниту на жителите на населените места околу акумулациите Шпилје и Глобочица”.