Заштитата на околината – услов за инвестирање на меѓународните финансиски институции за изградба на хидроелектрани на Балканот

Државните електростопанства на земјите од Балканот сметаат дека меѓународните финансиски институции, како што се Светска банка и Европската инвестициска банка, треба повеќе да ги финансираат новите проекти за изградба на хидроелектрани на Балканот.

Ова беше изнесено на дебатата на конференцијата „Хидро пауeр Балканс“ 2017 (Hydro Power Balkans) која се одржа во Подгорица, Црна Гора, а каде што, меѓудругото, се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат компаниитепри планирањето и изградбата на нови хидроелектрани.

Учесниците од земјите од регионот се согласија дека е потребно забрзување на сложениот процес на усогласување на дел од локалните закони со законите на Европската Унија, особено во делот на заштитата на животната средина, бидејќи меѓународните финансиски институции вообичаено одлучуваат да финансираат проекти за нови хидроелектрани кои строго ги запазуваат високите стандарди на ЕУ за заштита на околината.

Претставниците на АД ЕЛЕМ на Конференцијата ја изнесоа заложбата за неопходно инвестирање во производство на овој вид електрична енергија, како чиста и долгорочно најисплатлива, и во тој правец ги презентираа идните развојни проекти: хидроелектраните Чебрен и Галиште, и дел од Вардарска Долина. Со оглед на тоа што овие проекти не се наоѓаат во заштитени подрачја за кои важат посебни одредби, тие предизвикаа интерес кај меѓународни инвеститори и кај производители на опрема, што беа присутни на конференцијата „Хидро пауер Балканс“ (Hydro Power Balkans).