АД ЕЛЕМ ќе вложи 270 илјади евра во обновливи извори на енергија

АД ,,Електрани на Македонија“ ќе вложи 270. илјади евра во нови проекти и истражувања од областа на обновливите извори на енергија, како и нивна соодветна примена сè со цел ЕЛЕМ да го зголеми сопствениот удел на електричната енергија добиена од обновливи извори. Овие средства му се доделуваат на АД ЕЛЕМ во рамките на проектот ,,Кросбоу“ (CROSSBOW) којшто, пак, е проект склучен меѓу Агенцијата за иновации и мрежи (INEA), формирана од Европската комисија и конзорциум од 24 партнери, меѓу кои и АД ЕЛЕМ.

Целта на проектот е испитување на можностите за менаџирање на различни видови обновливи извори на енергија, како и соодветни решенија за складирање на енергијата добиена од нив, со што би се овозможил транснационален пазар за продажба на поголеми количини електрична енергија.

АД ЕЛЕМ посветено работи на заложбата да се произведува електрична енергија со што поголема заштита на околината и на животната средина, и во тие рамки е и намерата да се вложуваат сè повеќе материјални и човечки ресурси во концептот на обновливите т.н. чисти извори на енергија.

Во однос на учеството во проектот ,,Кросбоу“ (CROSSBOW), АД ЕЛЕМ има цел да развие иновативен национален пазарен продукт, којшто ќе биде достапен на сите учесници на пазарот на електрична енергија преку транспарентни и недискриминаторно утврдени правила и закони, што беше и нагласено на состанокот на учесниците во проектот, што се одржа во Софија.