Охридското Eзеро е 5 см над котата на УХМР и 12 см над важечката кота на Министерството за животна средина

АД ЕЛЕМ ја информира јавноста дека нивото на водата во Охридското Eзеро изнесува 693,22 м.н.в. според мерењето што официјално го врши подружницата на АД ЕЛЕМ, ХЕС „Црн Дрим“, на мерното место во близина на истекот на Охридско Езеро во реката Црн Дрим, кај градското пливалиште во Струга.

Ова ниво е за 5 сантиментри над котата 693,17 која УХМР ја зема како минимална, додека пак минималната кота која е пропишана од Министерството за животна средина во 1980 г., како упатство за АД ЕЛЕМ при производството на електрична енергија, а која до денес не е променета е 693,10.

Водата што АД ЕЛЕМ ја испушта од Охридското Езеро во реката Црн Дрим е минималната пропишана со закон која треба да обезбеди услови за живиот свет во реката. Двете хидроелектрани на АД ЕЛЕМ по течението на Црн Дрим работат само на минималниот доток на вода во реката и не се испуштаат дополнителни количини вода за производство на електрична енергија.

Подолго време наназад во Црн Дрим се испуштаат само 3,5 кубни метри во секунда, односно природниот истек со пречник од 25 метри е сведен на отвор од 2,5 метри, истек што задолжително мора да се обезбеди за одржување на биодиверзитетот во реката Црн Дрим. Напоменуваме дека нивото на Охридското Езеро прирoдно осцилира во текот на годината, без разлика дали низводно по Црн Дрим се произведува електрична енергија или не. Регулираното осцилирање кое се прави го следи природното, врз основа на водостопанска дозвола издадена од Mинистерството за животна средина, според кој документ дозволено е осцилирање меѓу котите 693,10 и 693,75.

Уште еднаш нагласуваме дека АД ЕЛЕМ секојдневно вложува напори, согласно водостопанската дозвола, да одржи баланс, односно да ја одржи котата на Охридското езеро над минималната, а во исто време во Црн Дрим да испушта вода во количини кои се биолошки минимум.