АД ЕЛЕМ ќе го зголемува домашното производство – интегрален текст од прес-конференцијата

На почетокот сакам да кажам дека во текот на изминатата недела ЕЛЕМ достави до владата извештај, односно информација, за тоа во каква состојба се наоѓа компанијата во моментов по сите параметри, поточно во моментот кога ја презеде новото раководство.
Станува збор за обемно согледување и тие информации во следниот период ќе бидат доствени до вас, односно до медиумите.

Тоа за што сакам денеска да ја информирам македонската јавност е прашањето со производството на електрична енергија во Македонија.
Колку електрична енергија произведува државната компанија АД ЕЛЕМ со сите свои капацитети-термоцентрали, хидроцентрали и ветерници, дали e доволно и прашањето кое е логично секој да си го постави-дали ќе треба да увезуваме.
Во поглед со производството на електрична енергија, можам да кажам дека работите се катастрофални.

Ситуацијата со производството на електрична енергија во Македонија се движи во лош правец, односно од година во година производството значително паѓа. Во 2006-та произведени биле 6.510 GWh, во 2013-та бројките се веќе значително намалени, произведени биле 5.113 GWh, а во 2016-та- само 4.300. За годинава пак, предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 GWh произведена електрична енергија, што не било никогаш, односно е рекордно ниско нивно на производство на АД ЕЛЕМ.

Постојат причини поради кои овие бројки се такви, особено за оваа 2017-та година.
Кога сме кај причините, јас овде морам да кажам дека анализата што ја направивме покажува оти претходните раководства, особено во периодот во последните неколку години, работеле неодговорно и недомаќински во една толку важна компанија како АД ЕЛЕМ која што е најголем и единствен државен производител на електрична енергија и столб на македонската енергетика и економија.

Да се вратиме на причините зошто Македонија годинава ќе произведе најмалку електрична енергија од кога било.

Прво, годишните редовни ремонти.

Во текот на целата 2017-та година редовните годишни ремонти на блоковите во РЕК Битола не се направени. Оставени се за сега, за есенските и зимските месеци, а требало да се направат порано во годината, во текот на пролетните и летните месеци. Претходното раководство не ги ремонтирало капацитетите и не ги подготвило за есента и за поголемата побарувачка во грејната сезона. И сега кога треба засилено да произведуваат, тие треба да бидат запрени за да работиме на нив.

Во исто време, причина за намаленото производство е и недобро изведената ревитализација на блоковите 2 и 3 во Битола, капитален зафат за кој се платени 66 милиони евра, а кој наместо да ги зајакне блоковите, тој ја намали нивната моќност и капацитет за производство, поради што изгубени се во просек по 40 MWh/h или 130 милиони евра, сума за која може да се каже дека е неостварен приход на АД ЕЛЕМ.

Тоа е што се однесува за РЕК Битола.

РЕК Осломеј. Таму јагленокопите се исцрпени, а нови копови за јаглен не се отворени, ниту таму ниту на друго место, ниту е обезбеден јаглен за да се носи во РЕК Осломеј, за и таа централа да работи и да произведува струја.

И што направило претходното раководство во 2016-та? Претходното раководство во 2016 направило тоа што било најлесно за да произведе електрична енергија. Ги впрегнало хидроцентралите до крајна мерка. Поради тоа лошо менаџирано празнење и поради недоволните дотеци на почетокот на оваа година, во моментов сите акумулации се толку исцрпени и потрошени, што нивото на водата во нив е спуштено под нивото потребно за безбедно и стабилно управување со системот.

Кога сме кај хидроелектраните, овде би сакал да напоменам и дека еден генератор на хидроелектраната Козјак е надвор од погон веќе една година. Се расипал лани во септември и еве до овој септември-не е поправен.

На овие бројки и податоци кои покажуваат дека годинава ќе произведеме електрична енергија најмалку од кога било, логично е секој да си го постави прашањето-дали ќе имаме доволно електрична енергија и дали ќе треба да увезуваме.

Ги уверувам граѓаните дека Управниот одбор на АД ЕЛЕМ, согласно технолошките можности, прави максимални напори ова ниско ниво на производство кое се очекува – да се зголеми, со цел да се избегне или барем да се минимизира, односно да се сведе на најниско ниво, потребата од увоз на електрична енергија до крајот на 2017 година.

Овде сакам да дадам уште една информација, во однос на финансиската состојба на АД. На 7 август 2017 година, при примопредавањето на сметката на АД ЕЛЕМ, на истата имаше 7 милиони и 300 илјади евра расположливи средства. Но, до крајот на 2017-та ЕЛЕМ треба да плати кредити во износ од 12 ипол милиони евра. Што значи дека на сметката влегуваме во минус.

Исто така, на сметката на АД ЕЛЕМ имаше депозити во износ од 17 милиони и 800 илјади евра, но тие се средства планирани за ремонтите во термоелектраните кои се вршат во моментот и за ископот на јаглен и јаловина во РЕК Битола до крајот на годината, како и за евентуалните набавки на електрична енергија во текот на зимскиот период.