Прес-конференција на д-р Драган Миновски

АД ЕЛЕМ сака денеска да ја информира јавноста за тоа колку оваа државна компанија ја чини ископот на јаглен за производство на електрична енергија, пред се’ за РЕК Битола, за РЕК Осломеј, и колку за тоа им е платено на приватни фирми од буџетот, односно од државни пари – за копање јаглен и за дополнително изнајмување механизација од тие фирми.

За ископ на јаглен и јаловина од страна на надворешно ангажирани фирми во РЕК Битола од 2012 до август 2017 година платени се 161 мил. €. Во истиот период, поради недостаток и неисправност на сопствената механизација во РЕК Битола и РЕК Осломеј, ангажирана е и помошна надворешна механизација, за што се платени 46 мил. € во РЕК Битола и 5 мил. € во РЕК Осломеј.

Од горенаведеното произлегува дека во наведениот шестгодишен период вкупните трошоци за ископ на јаглен и јаловина од надворешни фирми и ангажирањето на помошна механизација во РЕК Битола и РЕК Осломеј изнесувале околу 212 мил. €. Овде може да направите споредба со еден друг шестгодишен период: од 2000 до 2005-та. Тогаш за ископ на јаглен биле платени 38 милиони евра. Значи, очигледна е разликата меѓу 38 милиони евра и 212 милиони евра. Кога зборуваме за ископот на јаглен во периодот од 2012 до август 2017 година, треба да кажеме дека за ископ во РЕК Битола биле ангажирани само 5 компании: ТРАНСМЕТ, СИЛЕКС Неметали, ПЕЛИСТЕР, ГРАНИТ и МАРКОВСКИ Компани. Тие во одредни периоди учествуваат самостојно на тендерите, а во други случаи истите се јавуваат како конзорциум, односно конкурираат заедно.

Од три од компаниите кои биле ангажирани за ископ на јаглен и јаловина (ТРАНСМЕТ, ПЕЛИСТЕР и МАРКОВСКИ Компани), РЕК Битола истовремено ангажирала и помошна механизација. Овие трошоци кои ги наведов влијаат врз цената на електричната енергија.

Вкупните трошоци за ископ на јаглен и јаловина од надворешни фирми и ангажирањето на помошна механизација, исто така од надворешни фирми, влијаат на регулираната цена на електрична енергија во просек за изминатите години од 2012 до август 2017 година, со околу 20% или во просек по 8 € за секој произведен MWh (во моментов регулираната цена за производство на електрична енергија од АД ЕЛЕМ изнесува 41 €/MWh). Споменав претходно, а тука ќе го кажам и конкретно решението на овој проблем.

Во однос на ангажирањето на надворешна механизација, намерата на АД ЕЛЕМ е во многу брзо време да набави сопствена механизација, што ќе доведе до намалување на трошоците за користење на механизација од надвор.

Согласно направената физибилити студија од страна на Секторот за развој и инвестици во РЕК Битола, за целосна набавка на сопствена опрема ќе бидат потребни 64 ипол милиони ера. Во I фаза, сумата за набавка ќе биде 24 милиони евра, и ќе се почне со таа сума, се со цел што побрзо да се започне со проектот, со намера да се елиминира потребата од надворешни фирми, чие ангажирање чини скапо и кое на крај ја поскапува и струјата.

Во однос на ископот на јаглен и јаловина, овде сакаме да наведеме дека ова раководство на АД ЕЛЕМ наследи објавен тендер од претходното раководство, на кој се пријавени 6 компании, од кои 5 компании ги исполниле тендерските барања, при што на јавната аукција спроведена од актуелното раководство на АД ЕЛЕМ минатиот месец, добиена е најниска цена досега-од 44 ден/GJ. Направените пресметките покажуваат дека доколку и во минатото цените за ископ на јаглен и јаловина биле на ова ниво, заштедите би биле околу 77 милиони €. За овој тендер се уште одлучува Државната комисија по жалби за јавни набавки и очекуваме набрзо да го дознаеме исходот.