ЕЛЕМ ГО ПОМОГНА „РОБОМАК 2014“

Меѓународниот натпревар за роботика, програмирање и вештачка интелигенција, „Робомак 2014“, се одржа во Домот на АРМ во Скопје. Домаќин на настанот, како и секоја година, беше Факултетот за електротехника и информациски технологии, а го организираа ИЕЕЕ– СБМ, ЕЕСТЕК ЛК Скопје и СПФЕИТ. На натпреварот учествуваа 100 студенти (66 од македонските технички факултети) и 34 студенти од различни европски држави – Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Грција, Унгарија, Полска, Шпанија, Италија, Латвија и Романија. Студентите имаа можност да се запознаат со најновите технолошки достигнувања во роботиката и вештачката интелигенција, да ги применат своите програмерски знаења, да работат во интернационални тимови, да ги прошират своите видици, да размислуваат глобално и да разменуваат идеи, искуства и знаења.

Средствата од АД „Електрани на Македонија“ како златен спонзор на „Робомак 2014“ беа насочени за обнова на фондот на роботи на кои работеа студентите во текот на работилниците и чии што решенија беа претставени токму на финалниот натпревар. На завршниот натпревар беа претставени борби на сумо-роботи, трки со роботи, како и натпревар во играње и во прецизност. Сумо роботите беа програмирани да го истуркаат противничкиот робот надвор од рингот. Категоријата Роботска рака, всушност, претставува механичка рака која ги симулира движењата на човековата рака и прецизно и брзо извршува зададени задачи. Хуманоидите или човеколиките роботи изведуваа комплексни и природни движења според одредена кореографија на музика. Некои роботи се тркаа на одредена линија, а други има обврска да погодат вистинската мета, да следат одредена линија и да детектираат различна боја.

Студентскиот огранок на македонската секција на ИЕЕЕ го доби највисокото признание „Darrel Chong Student Activity Award“, што, всушност, претставува признание за добрата организација на „Робомак 2014“ од најголемата светска организација за инженери – ИЕЕЕ.

Како општествено одговорна компанија, убедени сме дека инвестирањето во знаење и усовршување на младите професионални кадри од сите чинители во бизнис опкружувањето е од суштинско значење за развојот на образовната и деловната перспектива на Република Македонија. Со помагањето на Робомак 2014 се надеваме дека ќе ги поттикнеме и дополнително мотивираме студентите  да ги вложат сите свои сили и капацитети и да постигнат забележителен успех во својата мисија да станат успешни инженери.