ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2009 ГОДИНА

Инвестициите во 2009 година се за проекти што се започнати и завршени во тековната година, но и за проекти што се во завршна фаза на реализација. Во 2009 година АД ЕЛЕМ инвестираше околу 37 милиони евра во следните проекти:

Површински коп „Брод-Гнеотино“
Во околината на нашиот најголем енергетски капацитет РЕК „Битола“ се наоѓа површинскиот коп „Брод-Гнеотино“. Со експлоатацијата на копот се продолжува работниот век на ТЕ „Битола“за снабдување на еден блок со јаглен за две децении. Во 2009 година набавена е дел од рударската опрема – багер, одлагач и ЕШ 10/70 и поставена е на монтажно плато, вложени се средства за ископ на јаглен, со што се реализирани инвестициски активности од 8,8 милиони евра.

Проект Санација на постоечкиот багер од рудник Суводол
Хаваријата на Роторниот багер SRs 2000/553 од рудник Суводол се случи во месец мај 2008 година. За санација на багерот склучен беше договор со TAKRAF (по системот КЛУЧ НА РАКА). Финансиските средства во износ од 8,2 милиони согласно договорот со Такраф беа обезбедени од АД ЕЛЕМ, а во 2009 година се реализирани инвестициони активност во износ од 4,9 милиони евра.

Изградба на ХЕ „Света Петка“
АД ЕЛЕМ во 2009 година вложи 3,6 милиони евра за изградба на ХЕ „Света Петка“ со што ќе се заокружи хидросистемот „Треска“. Финансиските средства се искористени за набавка и испорака на два генератора со придружна опрема, избетонирана е инјекциона галерија со лев брег заедно со влезниот портал и целосно се завршени ископите на телото на браната. Во завршна фаза беа ископите на машинската зграда и одводната вада и подготовката за бетонирање.

Реконструкција на турбоагрегатите во подружницата „Енергетика“
Во ноември 2009 пуштен е во работа првиот агрегат во подружницата „Енергетика“. АД ЕЛЕМ вложи средства за модернизација на старите турбини, произведени во периодот од 1964 до 1966 година, кои не беа во функција многу години. По реализацијата на проектот, турбоагрегатите ќе работат во когенеративен режим односно комбинирано производство на електрична и топлинска енергија.

Со реализацијата на проектот, АД ЕЛЕМ ќе добие на располагање дополнителни 30 MW инсталирана моќност за потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија. Вкупната вредност на инвестицијата е 3,6 милиони евра, а во 2009 година се остварени инвестициски активности од 3,2 милиони евра.

Модернизација и ревитализација на ТЕ „Битола“
Реализацијата на капиталниот проект за РЕК „Битола“ започна во 2009 година со потпишување договор со руската компанија Power Machines (Силовие машини). Проектот опфаќа модернизација и автоматизација на генераторите и турбините и се очекува зголемување на моќноста на ТЕ „Битола“ за дополнителни 8,32 MW по блок или вкупно 24,96 MW за трите блока. Проектот ќе се реализира во период од три години, а модернизацијата на турбините ќе овозможи подобрување на степенот на корисно дејство на агрегатите, без зголемување на сегашната специфична потрошувачка на јаглен. Проектот вреди 56 милиони евра, во 2009 година е платен авансот од 4,4 милиони евра за првиот блок.

Доистражување на резервите на јаглен во Мариовскиот басен
Приоритет на АД ЕЛЕМ е да вложува во изградба на нови производствени енергетски капацитети, кои би имале огромно значење не само за енергетската стабилност на земјата, туку и за енергетскиот одржлив развој. Имајќи ги предвид сознанијата за јагленово лежиште во Мариовскиот басен, во 2009 година, потпишан е договор со Градежниот институт „Македонија“ и започнати се истражните работи на наоѓалиштето за јаглен во прилепскиот дел на Мариово, на потегот помеѓу селата Витолиште, Бешиште, Полчиште и Манастир. Истражувањата треба да дадат прецизен одговор за големината на експлоатациските резерви, економската исплатливост, квалитетот на јагленот од ова лежиште и други негови карактеристики.

Врз основа на резултатите од извршените испитувања ќе се подготви елаборат што ќе послужи како основа за изработка на главен рударски проект, во кој ќе се дефинира технологијата за експлоатација на јагленот, годишниот капацитет за ископ на јагленот и инвестициските вложувања неопходни за реализација на потребните фази за отворање и експлоатација на јагленот од наоѓалиштето. Доистражувањата на Мариовскиот басен ќе чинат 2 милиона евра и се сопствена инвестиција на АД ЕЛЕМ, а во 2009 година се реализирани инвестициони активности во износ од 0,6 милиони евра.

Имплементација на управувачки Диспечерски центар – СКАДА
АД ЕЛЕМ инвестира 2,2 милиона евра сопствени средства за имплементација на управувачки Диспечерски центар – СКАДА. Целта и намената на новиот Диспечерски центар е да обезбеди прецизно планирање и регулација на производството на електрична енергија во постојните термо и хидроелектрани, да се процесираат мерењата од сите производствени капацитети, да се врши автоматска контрола (AGC) и контрола на примарната и на секундарната регулација на електраните. Хардверските и софтверските решенија се имплементирани од реномираната германска компанија „Сименс“. За овој проект во 2009 година остврена е реализација од 0,46 милиони евра.